ОД БУДИСТИЧКИ ХРАМОВИ ДО ТИРКИЗНИ ВОДИ –
ТАЈЛАНД–ЗЕМЈАТА НА НАСМЕВКИТЕ
(20.01.2026-30.01.2026)
Прв ден: 20.01.2026 (вторник)–Скопје-Истанбул-Бангкок
Состанок на групата на аеродромот во Скопје во 07.00 часот. Полетување кон Истанбул во 09.15 часот, слетување во 12:50 часот по локално време. Летот за Бангкок е во 15.30 часот по локално време.
Втор ден: 21.01.2026 (среда)– Бангкок
Пристигнување во Банкок во 04.20 по локално време. Организиран трансфер со автобус од аеродромот до хотелот „Centara Life Hotel Bangkok Phra Nakhon” 4* (https://www.centarahotelsresorts.com/centara-life/cbp) кој се наоѓа во историскиот дел на Бангкок, во непосредна близина на главните знаменитости на градот и на само десетина минути од Khao San – една од најпознатите и најживи улици во Азија. Го оставаме багажот во хотелот и заминуваме на првото возбудливо патување. Маеклонг пазарот е единствениот од ваков тип во светот. Лоциран е точно на железничката пруга Maeklong Train низ која во текот на денот по неколку пати поминува воз. Фасцинантно е што неколку минути пред да пристигне возот, тајландските трговци почнуваат да ги вадат земјоделските производи од шините, да ги преместуваат тезгите и да ги отстрануваат тендите. Штом возот ќе помине, секунда подоцна тендите повторно се отвораат, тезгите се враќаат, а овошјето, зеленчукот, рибата, раковите и другите работи се туркаат назад преку шините. Веројатно на властите во Бангкок не им се исплати да го преместуваат пазарот, бидејќи ова место е вистинска туристичка атракција. Голем број љубопитни, странски туристи со задоволство доаѓаат да го видат, да фотографираат и да го снимаат возот што минува меѓу тезгите, или сами да се возат со возот низ пазарот. И додека се таму, ќе купат овошје. Од таму се упатуваме кон Дамноен Садуак кој е најпознатиот пловечки пазар во Тајланд и затоа е вистински магнет за туристите. Она што е автентично за овој пазар е што трговијата се одвива на вода, а единствениот пристап до тезгите се бродовите со долга опашка кои се вообичаени во овој дел од светот. Покрај фиксните тезги, многумина ги нудат своите производи директно од бродовите. Атмосферата на преполни бродови што се допираат едни со други додека минуваат по тесните водени патишта, извиците на трговците, свежата храна што се подготвува и се зема додека поминувате и богатата и често необична понуда ја прават атмосферата посебна во Дамноен Садуак. Во договореното време се враќаме во хотелот. Сместување и слободно време за одмор, користење на хотелскиот базен и индивидуални прошетки низ Бангкок. Ноќевање.
Трети ден: 22.01.2026 (четврток)- Бангкок
Појадок. Време е за посета на најграндиозните градби во Бангкок. Во договореното време тргнуваме од хотелот и најпрво се упатуваме кон Кралската Палата што всушност претставува комплекс од згради сместени во самото срце на Бангкок. Палатата била резиденција на кралското семејство на тогашното Кралство Сиам, а денес на Тајланд. Изградбата започнала во 1782 година по наредба на кралот Рама I, кој го преместил главниот град на Сиам од Тонбури во Бангкок. Овој комплекс вклучува голем број згради кои биле од големо значење за функционирањето на државата, прекрасни градини со павилјони и дворови во кои кралското семејство го поминувало слободното време. За време на разгледот ќе забележиме неколку различни стилови кои се појавиле како резултат на постепеното проширување на палатата, а некои згради се изградени во интервал од 200 години. На само десетина минути од Кралската Палата се наоѓа уште една атракција која никако не смееме да ја пропуштиме: Wat Pho, еден од најпосетуваните храмови во Бангок кој е воедно и најдолг храм. Сместен е на површина од осум хектари и е познат низ целиот свет по импозантната златна скулптура на Буда кој е во лежечка положба со должина од 46 метри и висина од 15 метри. Само стапалата на Буда се долги 5 метри. Интересно е што во овој храм се наоѓа училиште за традиционална медицина и тајландска масажа, кое се смета за водечко училиште за масажа во целата земја. Денешниот организиран разглед на Бангкок го завршуваме по посетата на Wat Arun или Храмот на зората, кој се смета за една од најимпресивните градби во Тајланд. Омилен е меѓу посетителите поради уникатната архитектура и порцелански декорации. Се наоѓа на западната страна од реката Чао Праја, што го прави храмот уште поимпресивен, особено при изгрејсонце или зајдисонце кога црвената боја на небото е видлива во позадина. Враќање во хотелот. Слободно време за одмор, користење на хотелскиот базен и индивидуални прошетки. Ноќевање.
Четврти ден: 23.01.2026 (петок)- Бангкок–Ајутаја
Појадок. Во договореното време со организиран превоз се упатуваме кон Ајутаја (Ayutthaya), градот што денес има 70.000 жители, а во минатото тука живееле повеќе од 1 милион луѓе. Во тоа време Ајутаја била главен град на Сијам (поранешното име на Тајланд). Кралството Ајутаја тргувало со земји како Кина, Индија, Непал, Португалија, Холандија и Шпанија, а неговиот просперитет се споредувал со метропола како Париз. Кралството Ајутаја завршило кога Бурманите го уништиле градот во 1767 година. За среќа, сè уште има многу што да се види тука од оваа ера. Ајутаја има историски парк (вклучувајќи го и стариот град) кој е на списокот на светско наследство на УНЕСКО. Најпознатиот храм во Ајутаја е Wat phra Mahathat каде ќе го најдеме најфотографираниот објект во областа – главата на Буда заплеткана во корените на дрвјата што стана легендарен симбол на историското минато на областа. Но, тоа не е единствената причина зошто треба да го посетиме овој град – целиот историски парк е всушност голем комплекс од храмови и статуи кои ќе не вратат во минатото во величествената древна сијамска престолнина. Враќање во хотелот. Слободно време за одмор, користење на хотелскиот базен и индивидуални прошетки низ Бангкок. Ноќевање.
Петти ден: 24.01.2026 (сабота)- Бангкок-Краби
Појадок. Слободно претпладне за индивидуални прошетки во Бангкок. Во договореното време се одјавуваме од хотелот и заминуваме кон меѓународниот аеродром во Бангкок. Летот кон Краби, најатрактивното туристичко место на западниот брег на јужен Тајланд, е во 17.00 часот по локално време, пристигнување во 18:25 часот. Организиран трансфер до хотелот „Aonang Orchid” 4*, хотел сместен во самиот центар на гратчето Ао Нанг, на само две минути од една од најубавите плажи во Краби. Сместување на групата во двокреветни соби. Ноќевање.
Шести ден: 25.01.2026 (недела)- Краби
Појадок. Слободен ден за уживање на плажа и во хотелскиот базен. Во вечерните часови можете да шетате низ долгата главна улица која изобилува со квалитетна туристичка понуда низ целата нејзина должина. Тука се наоѓаат многу ресторани, продавници, сместувачки објекти, ноќни маркети… Ноќевање.
Седми ден: 26.01.2026 (понеделник)- Краби- Островите Пи Пи и заливот Маya
Појадок. Организиран трансфер до пристаништето од кое поаѓаат бродовите до околните острови. Се качуваме на брз брод и се упатуваме кон Островите Пи Пи – едно од најпознатите места во светот. По околу 45 минути возење со брод, пристигнуваме на архипелагот. Се закотвуваме на Phi Phi Leh, прекрасен остров од варовник. Посета на заливот Maya, каде што е сниман познатиот филм „Плажа”. Слободно време за фотографирање на оваа легендарна локација и за пливање во тиркизните води. Оттаму се упатуваме кон заливот Loh Sama Bay, совршено место за нуркање во коралните гребени. Добивате маска на нуркање со чија помош ќе можете да набљудувате разнобојни корали и многу видови на риби. На овој остров посетуваме уште две локации – заливот Pi Leh, прекрасна лагуна со зелена вода опкружена со гребени од варовник и пештерата Viking Cave, прочуена по цртежите на ѕидовите кои наликуваат на викиншки бродови. Пештерата, која може да се набљудува од бродот е позната и по гнездата на птицата свифлет, кои се јадат и се прочуен деликатес во Тајланд. Потоа одиме кон следниот остров од архипелагот – Phi Phi Don, туристичкиот центар на островите. Организиран ручек во ресторанот Phi Phi Princess Resort. Слободно време за прошетка и плажа на островот. Зависно од временските услови, се упатуваме кон Ao Rantee или Hin Klang, каде што можеме да нуркаме и да набљудуваме јата разновидни риби. Последната станица е Островот Bamboo, мал остров познат по совршениот бел песок, кристално чистите води и зачуваните корални гребени. Слободно време за уживање во плажата. Во договореното време се качуваме повторно на бродот и се упатуваме назад кон Ао Нанг. Враќање во хотелот. Слободно време за уживање во ноќниот живот во Ао Нанг. Ноќевање.
Осми ден: 27.01.2026 (вторник)- Краби
Појадок. Слободен ден за уживање на плажа и за индивидуални активности. Ноќевање.
Деветти ден: 28.01.2026 (среда)- Краби-Railay Beach
Појадок. Организирана посета на светски познатата плажа Railay Beach, која се наоѓа во близина на Ао Нанг и до која се стигнува единствено со чамец. Плажата е позната по тиркизната боја и совршениот песок, како и по гребените што ја опкружуваат и кои се популарни за фотографирање, но и за искачување на карпите. Слободно време за уживање во плажата и прошетка низ многубројните ресторани, продавници и барови лоцирани во близина на плажата. Во договореното време се враќаме во хотелот. Слободно време за уживање на плажата и во ноќниот живот во Ао Нанг. Ноќевање.
Десетти ден: 29.01.2026 (четврток)- Краби-Бангкок
Појадок и слободно време за уживање на плажата во Ао Нанг. Во договореното време се одјавуваме од хотелот и користиме уште неколку часа за последни активности во Ао Нанг. Организиран траснфер до аеродромот во Краби. Полетување кон Бангкок во 19.00, пристигнување во 20:25 по локално време. Организиран трансфер до хотелот „Park Nine” 5*, лоциран во непосредна близина на аеродромот. Сместување во хотелот и ноќевање.
Единаесетти ден: 30.01.2026 (петок)-Бангкок-Истанбул-Скопје
Појадок и организиран трансфер до аеродромот. Полетување кон Истанбул во 10.10, пристигнување во 16.45 по локално време. Поаѓање од Истанбул во 20.15, слетување во Скопје во 19.45 часот.
Промотивна цена за уплата до 15.10.2025……1790 евра (110.980 денари)
ЦЕНА НА АРАНЖМАНОТ………1890 евра (117.180 денари)
(плаќање во денарска противвредност)
Во цената на аранжманот се вклучени следните услуги:
• Авионски билет: Скопје-Истанбул-Бангок- Истанбул-Скопје со вклучени аеродромски такси
• Авионски билет: Бангок-Краби-Бангкок со вклучени аеродромски такси
• Рачен багаж до 8 кг. и чекиран багаж до 20 кг. по лице
• Сите трансфери вклучени во програмата
• 3 ноќевања со појадок во хотелот „Centara Life Hotel Bangkok Phra Nakhon” 4* во Бангкок
• 5 ноќевања со појадок во хотелот „Aonang Orchid” 4* во Краби
• 1 ноќевање со појадок во хотелот „Park Nine” 5* во Бангок (аеродром)
• 1 ручек на островите Пи Пи
• Сите разгледи, посети и влезници вклучени во програмата со организиран трансфер
• Лиценциран туристички водич
• Лиценциран туристички придружник
Во цената не се вклучени следните услуги:
• Доплата за еднокреветна соба – 500 евра
• Влезна виза за Тајланд и услуга за визирање – 80 евра
• Патничко осигурување
Напомена: За потврда на резервација е неопходна задолжителна уплата од 400 евра (24.800 денари) најдоцна до 15.10.2025. Целосна доплата на аранжманот до 15.12.2025.
Секоја резервација без уплата е валидна само 48 часа.
Напомена: За реализација на аранжманот потребни се минимум 35 патници
AT