СООПШТЕНИЕ

СООПШТЕНИЕ

Почитувани,

Во врска со упатените дописи, изјави, соопштенија и приговори до ТА Зулу Травел од страна на патниците кои имаат уплатен аранжман за различни Европски туристички дестинации од понудата на агенцијата, за периодот март, април и мај 2020 година, како и летни аранжмани за лето 2020 година, а во однос на прашањето за рефундација на веќе уплатените средства, во продолжение на овој допис, официјално го изразуваме ставот на ТА Зулу Травел , кој е донесен врз основа на примена на Законот за облигационите односи, официјалните препораки дадени од страна на Владата на РСМ, како и официјалниот став кој го зазема Стопанска комора за туризам во РСМакедонија.

Со оглед на тоа дека во моментов, почнувајќи од 18 март 2020 година, на целата територија на Република Македонија од страна на претседателот на  државата е прогласена вонредна состојба во времетраење од 30 дена, би сакале да апелираме до нашите патници дека било какви поединечни приговори упатени до ТА Зулу Травел  нема да бидат разгледувани. Оваа мерка ќе се применува сè додека не настапат соодветни услови за разгледување на поединечните приговори.

***Општите услови за патување и повикувањето на конкретни одредби од истите, како и на скалата за можно навремено откажување на патувања, во вакви вонредни околности се неприменливи и не се релевантен извор на облигациони права и обврски за двете договорни страни.

Природата на туристичката дејност, односно целокупното туристичкото работење и неговото непречно функционирање зависи и е условено од тековното функционирање на повеќе различни субјекти и зависи од повеќе клучни општествени фактори. Па така, со оглед на специфичноста на оваа дејност, туризмот е и една од најпогодените стопански дејности во вакви вонредни околности, односно во време на прогласена пандемија и целосно затварање на државните граници.

Во моментов, за туристичките агенции во нашата држава, останува неизвесно прашањето за успешна продажба и реализација на туристичката сезона – лето 2020 година, од причина што мерките кои се во моментов активни и донесени од страна на Владата на РСМ се времени мерки и препораки и истите немаме можност да предвидиме до кога би биле активни и до кога истите би останале на сила. Оттука, било какво моментално избрзано решение би било нерационално и неекономично.

ТА Зулу Травел  ги следи препораките дадени на ден 18.03.2020 година од страна на Светската туристичка организација при Обединетите нации (СТООН), која е одговорна за промовирање на одговорен, одржлив и универзално достапен туризам, како водечка меѓународна организација во полето на туризмот, што го промовира туризмот како двигател на економскиот раст, вклучителен развој и еколошка одржливост и нуди раководење и поддршка на секторот за унапредување на знаењето и политиките на туризмот во целиот свет.

СТООН го одобрува спроведувањето на Глобалниот кодекс на етика за туризмот за максимално да се зголеми придонесот од туризмот во социо – економски развој, а да се намалат можните негативни влијанија од туризмот.

За сега, ставот на ТА Зулу Травел  во насока на решавање на моменталните дописи, изјави, соопштенија и приговори е следен:
– Паричните средства за авионските аранжмани (мартовски и Велигденски партувања) кои се/биле уплатени од страна на патници во ТА Зул Травел   ќе бидат соодветно заменети со вредносни ваучери. Ваучерите ќе бидат во вредност на уплатениот износ од страна на патникот, а делот од одредени аранжмани кој во моментов е дискутабилен, како што се авиобилетите за дестинации кон кои авиокомпаниите оперираа, а државите граници беа отворени, останува да се третира како посебен предмет кој го разгледува координативно тело составено од владини претставници од неколку сектори и институции, како и СКТМ (Стопанска комора за туризам на Македонија) , АППТРМ ( Агенција за Промоција и  Поддршка на Туризмот во РСМ.) За тој дел сме, како што е погоре наведено, во очекување на  одлука која во целост ќе биде спроведена по донесувањето. Информираме дека координативното тело во именувааниот состав разгледува можности за комплетно обештетување и за тој дел.

– Ваучерите, можат да бидат искористени од страна на патниците за есенските патувања 2020 година за некоја од европските дестинации.

– По преговорите на СКТМ со Владата на РСМ, утврдено е дека патниците ќе бидат на ваков начин обештетени – со издавање на вредносни ваучери, како алтернативен начин за рефундација на неискористените услуги. Ваквиот став произлезе од причина што крајните даватели на услугите (wizz air, хотели, туроператори и сл) не вршат рефундација на уплатените средства на агенцијата, туку нудат искористување на веќе уплатениот износ за некои следни патувања.

 Аранжманите предвидени за периодот по 20 мај 2020 година, се со сигурна реализација (за сега), а паричните средства уплатени од страна на патници за летните аранжмани по периодот од 20 мај 2020 година нема да бидат рафундирани. Паричните средства кои се уплатени во периодот на рани уплати за летните одмори за термините во мај и јуни 2020 година („early booking”), а кои се продавале по пониски цени од цените кои се нудат непосредно пред почеток на аранжманот, се средства кои се веќе наплатени од страна на крајните даватели на услугите (студија, апартмани, хотели, а согласно однапред склучени Договори за закуп на сместувачки капацитети). Овие парични средства не можат да бидат рефундирани ниту делумно, ниту целосно. Како алтернативна можност, опционо може да се искористи вредносен ваучер за лето 2020 (во висина на уплатениот летен аранжман) кој би можел да биде искористен во текот на целата летна сезона 2020 / 21 година, по претходна потврда на резервацијата од страна на агенцијата. Доколку постои разлика во цената на веќе уплатениот аранжман за кој се добива вредносен ваучер и аранжманот за терминот кој патникот ќе го избере како замена, патникот има обврска да ја доплати разликата во цената.

*** Ваучерите издадени за искористување на европските патувања ќе важат само за есенските патувања, а ваучерите издадени за летен одмор – можат да се искористат само за летните сопствени пакет аранжмани на агенцијата за сезона лето 2020 година. Замена на ваучерите од еден за друг производ не е можна.

Со оглед на неизвесноста на идните случувања, во овој момент не е возможно да предвидуваме било какви евентуални услови за откажување на договорите за патување, ниту конкретна примена на одредби од закони или општите услови за патување. Имајќи го предвид развојот на настаните, ќе се прилагодуваме на секоја новонастаната ситуација.

Со оглед на вонредната состојба, апелираме до сите патници, односно до сите граѓани да имаат разбирање за ситуацијата и препорачуваме заради взаемен интерес да се воздржат од приговори упатени кон туристичката агенција во периодот додека трае вонредната состојба. Здравјето е заедничка одговорност, па затоа да ги следиме препораките на Владата. Бидејќи оваа ситуација се третира како виша сила, која никој не може целосно да ја контролира ниту предвиди, сите ние како граѓани треба да бидеме свесни дека во вакви околности не можеме самостојно да влијаеме на донесување на некои одлуки.

За сите нови збиднувања и промени како и информации,  ќе излеземе  со ново соопштение / известување.

Имајќи го предвид образложението дадено во овој допис, се надеваме дека ТА Зулу Травел ќе наиде на разбирање од страна на патниците. Секако, стоиме на располагање доколку имате потреба за било какви дополнителни информации и консултации, а на располагање сме и овој проблем да го решиме на мирен начин, согласно законските правила и прописи.

Светот пред нас се соочил со многу пострашни предизвици и успешно се справил со нив. Ќе се справиме и ние со овој предизвик!

Во меѓувреме, со желба за добро здравје на сите, ТА Зулу Травел  ви посакува брзо и лесно надминување на оваа состојба.